Одбележан 5-ти октомври, Меѓународниот ден на учителот

Да се биде учител, наставник, професор, воспитувач е најблагородната, најубавата, но и најодговорната професија што подразбира огромна посветеност не само кон младата личност туку и кон оној на кој му се потребни знаења, вештини и мотивација.

По повод Меѓународниот ден на учителот, кој се совпадна со одбележувањето на Детската недела која трае од 4-ти до 10-ти октомври, се одржаа активности во кои беа вклучени и децата.

Во просториите на училиштата „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци” се организираше ликовна работилница за децата од 1 до 3 одделение, кои изработуваа честитики за учителките и омилените наставници.Во детскиот оддел во Библиотеката „Тане Георегиевски“ петтооделенците учествуваа на литературен натпревар. Најдобрите ученици се наградени со книги обезбедени од Библиотеката „Тане Георгиевски“. Четвртоодделенците имаа рецитал со песнички поврзани со учителот, школото, нивната детска безгрижност и играта.

Учество на оваа манифестација зедоа и учениците на ООУ Карпош заедно со нивниот одделенски наставник Наташа Спасовска.

Организаторот на денешната прослава беше Здружението на одделенски наставници (ЗОН) „Учител“. Здружението е формирано за давање на професионална помош и разрешување на дилеми токму на учителите.

Здружението е единствено во земјава и неговите основачи се надеваат дека со нивната професионалност, труд и ангажираност ќе успеат да го изградат, подобрат и вратат авторитетот на учителот како значаен субјект во општеството.

Учесниците на оваа манифестација се здобиа со благодарници за учество во активности по повод Меѓународниот ден на учителот.